Свет
16. February 2021 - 11:58

Велика Британија на граѓаните ќе им обезбеди потврди за вакцинација доколку тоа го бараат други држави

Велика Британија ќе им даде на своите жители потврди за вакцинација против Ковид-19 доколку тоа го бараат други држави, иако не е планирано да се воведат за употреба дома, изјави денеска министерот задолжен за вакцини Надхим Захави.

– На меѓународно ниво, ако на други земји им е потребна потврда за вакцинација, мислам дека е правилно да им го овозможиме тоа, рече Захави во интервју за Би-Би-Си.

– Не планираме да воведуваме употреба на пасоши за вакцинација во домашна употреба. Како што опиша премиерот, тоа ќе биде национална програма за вакцинација во комбинација со брзо тестирање, мислам дека тоа е пат напред, додаде тој.

Захави исто така рече дека Велика Британија очекува следниот месец да се зголеми снабдувањето со вакцини. Тој изрази уверување дека ќе се исполни целта 32 милиони луѓе од главните приоритетни групи да ја добијат првата доза од вакцината до крајот на април.

– Гледам многу поголем опсег во март и април – пристигнуваат десетици милиони дози, рече тој.

Во борбата против епидемијата во која во Велика Британија починаа повеќе од 117.000 луѓе, владата на Борис Џонсон сака до крајот на април да вакцинира девет групи од населението што ги смета за приоритет, вклучително и сите луѓе постари од 50 години.