Свет
22. April 2016 - 8:46

Велика Британија ќе прифати околу 3.000 деца бегалци до 2020 година

Британската Влада до 2020 година ќе прифати околу 3.000 загрозени деца по потекло од Блискиот исток и Северна Африка, како и нивните семејства доколку тоа е потребно.

- Програмата опфаќа загрозени деца, како на пример оние кои се принудени да работат, да стапат во брак на сила или да станат жртви на други форми на експлоатација и злоупотреба, се наведува во соопштението на британското Министерство за внатрешни работи.

Новата програма ќе се спроведува заедно со Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) и ќе биде достапна за сите ризични групи и националности на Блискиот исток и во Северна Африка.

Оваа година се очекува да бидат прифатени неколку стотици бегалци, а нивниот број до 2020 година ќе достигне 3.000 лица. Освен тоа британската Влада вети до 2020 година да прими 20.000 сириски бегалци, а досега во земјата пристигнале над 1.000.