Македонија
14. January 2017 - 14:51

Вековен обичај „Сурова“ во делчевски Ѕвегор

Од рано наутро ечи „Сурова“ во делчевското село Ѕвегор.  Ѕвегорските суроваскари со бројни маски кои претставуваат свадбена свечена поворка, го бркаат лошто од Пијанец, но и ја слават Старата нова година.

За професорот по историја во пензија  и жител на селото Ѕвегор, Стефан Манасиев, овој театар под маски на оторено во Ѕвегор значи прослава на Василица.

- Оваа традиција постои одамна во селото. Ѕвегорските суроваскари уште од турско ја следеле традицијата и ниту една година до денеска на Василица се нема случено да не се одржи оваа традиционална свадба. Ова е прослава на првиот ден на новата година по стариот календар, а самиот извик Сурова, значи сурова, здрава и среќна нова година, рече Манасиев.

Околу 40 маски како весела суроварска дружина денеска го продолжија живото наследство и вековната традиција. И оваа година локалниот обичај под маски се одржува на стариот и автентичен начин со традиционалните маски на зет и невеста и алудирајќи на свадбена поворка како театар на отворено, тие ги посетуваат домовите на сите жители на ова село благословувајќи ги и извикувајќи „сурова“.
Фолклористот Димитар Узунски, кој повеќе од две децении го следи овој локален обичај, истакнува дека според богатството на маските, ѕвегроската Сурова ја нарекуваат Пијанечко Вевчани.

- Во овој период поминале многу маски, но целта останува иста, задржана е основата на овој обичај. Генерации и генерации на ѕвегорци, правеле најразлични маски, но задолжително ја има невестата, зетот, попот, белаците, кои ја чуваат невестата да не биде предвреме откриена, мечката која благословува за здравје, старата баба која асоцира на старата година што изминала и сл., вели Узунски.

Како што истакнува Узунски, секоја маска има своја улога.

- Еротските игри и оваа година асоцираат на плодноста, старите баби и мечкарите им помагаат на болните, а се црнат присутните и гостите за здравје, белаците се војска кои со дрвени сабји и пушки ја чуваат невестата да не биде педвреме откриена. Но, во последно време има и нови маски кои, сепак, го одразуваат новото време во кое живееме, но главно, се задржуваат маските од традиционалната свадба, потенцира Узунски.

Оваа година скоро половина од веселата суроваскарска дружина се млади што на старите суроваскари им дава надеж дека традицијата е добро прифатена од младите кои ќе му го продолжат животот на ова вековно живо наследство.

Суроваскарите ќе го завршат танцот во селото доцна попладнево и на трпеза подготвена од кумот на свадбата ќе се открие невестата и ќе паднат сите маски од годинешната сурова.