Македонија
6. December 2019 - 8:34

Вечер во Битола премиера на претставата „Си беше еднаш во иднината“ од Сашо Кокаланов

НУ Народен тетатар-Битола вечер на матичната сцена ќе ја претстави премиерата на „Си беше еднаш во иднината“ работена според текстот на Сашо Кокаланов, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.

Станува збор за претстава за деца и младинци, на барање на битолскиот театар и по пауза од 25 години кога последен пат на репертоарот во тој театар била поставена тетарска претстава за оваа публика, истакна Илина Чоревска, уметнички раковител во НУ Народен театар-Битола.

-Оваа урбана модерна бајка за две деца, за Адила и Андреја, поучува за многу работи, поучува да се почитуваат различностите, учи дека не треба да се суди на прв поглед, тоа е претстава која посочува дека треба да се слушаат и другите луѓе и дека секогаш треба да се има отворено срце и подадена рака, нагласи Чоревска, во пресрет на вечерашната премиера на „Си беше еднаш во иднината“.

Според авторот Сашо Кокаланов, претставата е генерациска средба во иднината која најмногу зборува за сегашноста.

-Знаејќи дека иднината ни е зад вратата и ќе влезе во нашите животи без тропање, ние просто не можеме, а да не погледнеме од време – навреме низ клучалката или низ окцето на вратата. Нема сигурносна брава што може да ја спречи иднината да влезе во нашите домови, затоа уметниците се трудат да ни ги остават вратите на сегашноста отклучени, а нам да не’ исполнат со доволно гостољубивост и отвореност за да се соочиме со непоканетиот, а неминовен гостин, порача Кокаланов, автор на претставата.

Во „Си беше еднаш во иднината“ вечер ќе настапат актерите Сандра Грибовска, Анастазиа Христовска, Огнен Дранговски, Валентина Грамосли, Николче Пројчевски, Никола Стефанов, Филип Мирчевски и Елена Моше.