Македонија
17. јуни 2018 - 14:38

„Вашингтон пост“: Тромеѓето на Грција, Македонија и Албанија, симболично место за потпишување на договорот, насилни протести недалеку од Псарадес

Грција и Македонија потпишаа договор кој ако биде ратификуван, ќе го реши деценискиот спор за името на Македонија, oбјави денеска „Вашингтон пост“.

Весникот истакнува дека тромеѓето што ги дели Грција, Македонија и Албанија, селото Псарадес на Преспанско Езеро од грчка страна, е симболично место избрано за потпишување на договорот според кој северниот сосед на Грција ќе биде преименуван во Северна Македонија, јави дописникот на МИА од САД.

-Лидерите на двете земји укажаа дека овој чекор одбележува почеток на поблиски и пријателски односи и е пример за сите балкански народи. Договорот исто така е можност за Македонија да се приклучи на НАТО е ЕУ, наведува весникот.

За време на церемонијата на потпишувањето, на кое присуствувале високиот претставник за надворешна политка на ЕУ, Федерика Могерини и комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес  Хан, како и министрите за надворешни работи на двете земји и медијаторот од ОН во преговорите, Метју Нимиц, недалеку од Псарадес се одвивале насилни протести.

Споед весникот, полицијата ги блокирала сите приоди до селото да спречи демонстрантите да дојдат до местото.

- Над 4.000 Грци се собраа во близина на Писадори, село оддалечено 40 километри, додека неколку стотици се приближиле до најблиската блокада и почнале да фрлаат камења. Полицијата возвратила со солзавец и шок бомби, објави „Вашингтон пост“.

Додава дека и македонските националисти кои се против договорот планирале протест во Битола.