Свет
23. August 2020 - 8:34

Вашингтон пост: Предизборната кампања на Трамп досега чинела милијарда долари

Изборниот штаб на претседателот Доналд Трамп, Републиканската партија и два комитета поврзани со нив, во кампањата за реизбор на Трамп досега потрошиле милијарда долари. Рекордна сума за една претседателска трка, бидејќи во оваа етапа од трката ниту еден кандидат досега не потрошил толку, јави денеска Вашингтон пост, повикувајќи се на соодветни документи.

Се прецизира дека Трамп почнал да собира пари за кампањата многу порано споредено со неговите претходници – средствата за неговата кампања почнале да се собираат уште во 2017 година. Како споредба, пишува изданието, неколку месеци пред изборите во 2012 година штабот на Барака Обама потрошил околу 643 милиони долари.

Според весникот, Трамп во јули собрал донации во висина од 165 милиони долари, додека неговиот противник, кандидатот од Демократската партија, Џо Бајден, собрал 140 милиони долари.

Во август, сумата на буџетот на штабот на актуелнит претседател пораснала до 300 милиони долари, уште 55,3 милиони собрал националниот комитет на Републиканската партија. Од друга страна, штабот на Бајден овој месец добил донации од 294 милиони долари и уше 16,3 милиони дал националниот комитет на Демократската партија.  

Како што наведува Вашингтон пост, долговите кај демократите се во висина од 1,5 милиони долари, републиканците немаат долгови. 

Претседателските избори се закажани за 3 ноември. Според последните анкети, Бајден е со мала предност во однос на Трамп.