Свет
11. July 2016 - 9:33

„Вашингтон Пост“: Нови иницијативи на САД за соработка со Русија околу нуклеарното оружје

Американскиот претседател Барак Обама планира во последните неколку месеци од својот мандат да спроведе неколку чекори во однос на продолжување на политиката за контролата на нуклеарното оружје, објави „Вашингтон Пост".

Меѓу другото, американскиот претседател во заминување има намера да и предложи на Русија петгодишно продолжување на Договорот за стратешко офанзивно оружје. Весникот дополнува и дека минатата седмица таа тема веќе била два пати разгледана од Советот за национална безбедност на САД.

Американски официјални лица посочуваат дека Обама бара намалувањето на количеството нуклеарно оружје, што и беше негова политика од самиот почеток на неговиот мандат и да стане „дел од надворешно-политичкото наследство". Тој и натаму го смета Договорот, склучен во 2010 со Русија, за едно од своите најзначајни достигнувања.

- Владата на САД размислува да и предложи на Русија продолжување за уште пет години на овој Договор, чиј рок би требало да се продолжи до 2021 година. На тој начин Обама ќе може да гарантира дека таа соработка ќе остане и ќе продолжи и за време на следната Администрација (на САД), пишува „Вашингтон пост".

Меѓу евентуалните други можни иницијативи, кои експертите од Советот за национална безбедност ги разгледуваат е и тоа дека „САД нема први да посегнат по нуклеарното оружје", како и подготовка на резолуција на Советот за безбедност на ОН за забрана на нуклеарни напади.

Американската влада смета дека таков документ е неопходен, откако Сенатот не го ратификуваше Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарните проби. Се разгледува и можноста за откажување на голем дел од нуклеарното оружје, како и неупотребата на ракети со нуклеарна боева глава.

- 3асега, сепак не се преземаат никакви решенија по тоа прашање. Но, се очекува Обама наскоро лично да ги разгледа сите можни нови инициативи за намалување на нуклеарното вооружување, додава весникот.