Свет
5. April 2020 - 20:06

Вашингтон пост: Администрацијата на Трамп не реагираше навреме и адекватно на опасноста од Ковид-19

Поради негирање, омаловажување и нарушено функционирање, администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп не реагираше навреме и адекватно за да спречи ширење на новиот коронавирус, објави весникот Вашингтон пост.

Во Белата куќа првпат бил приложен разузнавачки извештај за коронавирусот на почетокот на јануари. Трамп оттогаш редовно бил информиран од разузнавачите за опасноста од вирусот, но требале да поминат 70 денови од првиот извештај Ковид-19 да се прогласи за смртоносен непријател, пишува весникот.

– Земјата воведе низа мерки кои никогаш досега не биле воведени во американската историја, како да сме во војна: забрана за патувања од два континента, запирање на комерцијалите бизниси, ангажман на индустријата за производство на медицински резерви, и принуда на 230 милиони Американци да останат дома, наведува „Вашингтон пост“.

Весникот додава дека сите овие мерки не биле доволни САД да се справат во борбата со оваа пандемија.

– САД ќе останат запаметени во историјата дека биле катастрофално победени од новиот коронавирус, со најмногу жртви од која било друга земја, иако земјата располага со можеби најголеми капацитети за подготовка и одбрана од пандемија – со ресурси, продлабочени истражувања, експертиза и искуство во областа на епидемологијата, пишува весникот.

Во текст насловен „САД беа обземени од негирање и нарушено функционирање додека короновирусот беснееше“, изданието наведува дека „администрацијата не ги искористила големите ресурси, експертиза и разузнавачки информации и пропуштила да реагира адекватно на опасноста, додека времето минувало а вирусот тивко се ширел“.

– На пример, со навремено производство на тестови за коронавирус би се овозможило да се состави карта на првите жаришта и да се воведат строги мерки на карантин, но властите тоа пропуштија да го сторат, наведува Вашингтон пост