„Вангардија“: Пуџдемон замина во Брисел | Сител Телевизија
Свет
30. October 2017 - 15:03

„Вангардија“: Пуџдемон замина во Брисел

Сменетиот каталонски лидер Карлес Пуџдемон заедно со други поранешни членови на кабинетот замина во Брисел, пишува весникот „Вангардија“, повикувајќи се на официјални претставници на шпанската Влада.

Информацијата е објавена откако претпладнево некои медиуми го поставуваа прашањето каде се наоѓа Пуџдемон.

Тој изутринава постави фотографија на Инстаграм од дворот на зградата на регионалната каталонска влада во Барселона.

Заедно со фотографијата бил напишан и коментар на каталонски јазик „добро утро“ и смајли, што многумина ги оставило во недоумица дали тој навистина се наоѓа во владината зграда во Барселона.

Подоцна, државниот обвинител на Шпанија, Хосе Мануел Маза побара да се покренат обвиненија за бунт и поттикнување бунт против каталонскиот лидер поради обид за отцепување на регионот од Шпанија, за што е предвидена повеќегодишна казна затвор. Се наведува дека Маза побарал и покренување обвинение поради проневера на фондови.

Истовремено, западните медиуми пишуваат и дека сопругата на Пуџдемон, Марсела Топор веднаш по прогласувањето независност на Каталонија се вратила во својата родна Романија заедно со нивните две деца.