Македонија
30. November 2021 - 15:04

Вандализам во кочанско: Сакале да крадат пари од манастир, па ги искршиле вратите и ги оштетиле иконите

Вандалски чин во текот на ноќните часови се случил во манастирот „Св. Богородица“ во кочанското село Чифлик, при што е искршена влезната врата на црковниот објект, но и на помошните простории.

Жители на селото и членови на Црковниот одбор кои утрово дошле кај објектот забележале дека е направена голема материјална штета, а насилниците влегле во внатрешноста и го испревртеле инвентарот и оштетиле дел од иконите на олтарот.

– Изненадени сме од дрскоста со која некој влегол во верскиот објект, при што целосно ја искршил и откорнал металната заштитна врата, ја фрлил на земја, а потоа насилно ја оштетил и дрвената порта. Внатрешноста на манастирот е целосно испревртена, особено околу олтарскиот дел, а забележавме дека физичка сила била користена и при влегувањето во помошните простории околу објектот. Ова се повторува неколку пати, поради што ја поставивме металната врата, но очигледно и тоа не ги спречи крадците. Случајот го пријавивме во полиција и очекуваме откривање на сторителот, истакна Илчо Нисов, член на Црковниот одбор во Чифлик.

По искуството од претходните грабежи, во манастирот не се оставаат пари и други вредни предмети, така што обидот за кражба останал неуспешен, освен што е направена материјална штета.

Од Црковниот одор на Чифлик нагласија дека кражби се забележани и во селската црква „Св. Наум Охридски“, при што наместо ноќе, насилниците дејствувале во текот на денот. Во криминалното однесување не ги спречил ниту поставениот видео надзор околу објектот.