Македонија
19. September 2018 - 13:41

Ван Бален: Референдумот е од витално значење, се надевам граѓаните ќе кажат „да“

Претстојниот референдум е од витално значење за вашата земја. Се надевам дека ќе биде исполнет цензусот, дека доволен број луѓе ќе излезат да гласаат и се надевам оти исходот ќе биде позитивен и огромен број граѓани ќе кажат „да“.

Ова во изјава за МИА денеска го порача европратеникот Ханс Ван Бален, претседател на АЛДЕ (Алијанса на Либерали и демократи во Европа). Бален е и претседател на групата „Пријатели на Македонија“, која беше реактивирана во Европарламентот во март годинава.

Според него, референдумот е натпартиски и е од големо значење за иднината на Македонија.

- Сега кога прашањето за името се реши, што беше храбар потег на оваа Влада, можеме веќе да зборуваме за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ, рече Ханс Ван Бален.

На прашањето доколку не биде исполнет цензусот, тој вели дека доколку сепак има има масовно гласање „За“, тоа е показател дека македонската Влада и Парламентот да кажат „да“ за договорот за името.

- Но би сакал да има масовна излезност и да биде исполнет цензусот. Сепак, граѓаните на крајот ќе одлучат. Се надевам оти ќе излезат да гласаат и дека нивниот глас ќе биде „За“, изјави за МИА европратеникот Ханс Ван Бален.

Ван Бален денеска во Скопје присуствуваше на форумот на Либералната мрежа на Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН) по повод десетгодишнината од нејзиното формирање.

На форумот присуствуваат голем број лидери од регионот, како и европратеници кои зборуваат на тема десетгодишната соработка на земјите од регионот и перспективите на либерализмот, како и забрзувањето на интегративните процеси на земјите од ЈИЕ во НАТО и ЕУ.