Македонија
19. September 2017 - 16:24

Вакцините против грип ќе стасаат навреме за есенската имунизација

Со набавка на околу 28 000 вакцини, деца со намален имунитет, трудници, хронично болни и здравствени работници ќе можат да се заштитат од сезонски грип.

Тендерот е завршен и според надлежните од Институтот за јавно здравје, имунизацијата ќе стартува кон средината на октомври и нема да доцни како ланската година.

Вакцината е тритипна и е од холандски производител. Секоја сезона надлежните набавуваат дози само за 1,4 проценти од населението, што според епидемиолозите е мала бројка.

-Лично јас сметам дека оваа бројка е мала, но сепак, доволна е за оние ризични групи да се заштитат од грип. Оние кои редовно се вакцинираат секако и ако заболат од грип нема да имаат изразени симптоми како оние кои не се вакцинираат, вели Владимир Миќиќ од Институт за јавно здравје

Ланската сезона на грип заврши со 35 000 заболени и два смртни случаи. Околу 27 000 граѓани примија вакцина а меѓу нив ниту една трудница. Но грипот не е единствената закана за овој период. Епидемиолозите велат дека веќе има зголемен број на респираторни инфекции за кои дополнителна причина е и почетокот на школската година.

-Горно респираторните инфекции се во пораст, а поради температурите се уште има и цревни инфекции. Токму почетокот на школската година и збоеноста на едно место прави да се зголеми бројот на настинки и други вируси, вели Миќиќ

Епидемиолозите велат дека е добро што нема зголемување на бројот на заболени со жолтица и шуга кои исто така се карактеристични заболувања во есенскиот период.