Балкан
5. February 2021 - 13:50

Вакцината на АстраЗенека во Грција ќе ја примаат лица до 64-годишна возраст

Националната комисија за имунизација во Грција, на денешниот состанок, даде зелено светло за вакцината на АстраЗенека и едногласно одлучи да не се користи за лица над 65-годишна возраст, туку ќе ја примат граѓаните меѓу 18 и 64 години, додека пак почетокот на вакцинацијата со конкретната вакцина во Грција се очекува да започне по 12 февруари.

Во Грција во тек е вакцинација на граѓаните над 80 години со вакцината на Фајзер, а со оглед на тоа дека вакцината на АстраЗенека е наменета за друга категорија,  во следниот период ќе се отвори платформата за закажување термин за лицата меѓу 60 и 64 години, а со тоа ќе се формира паралелен систем на имунизација на населението.

Претседателката на комисијата Мариа Теодориду и Генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус, по состанокот истакнаа дека станува збор за безбедна и ефикасна вакцина, а единствената причина за одлуката за лицата над 65 години е затоа што не постојат доволно податоци за конкретната група.

Теодориду истакна дека вакцината на АстраЗенека „има многу добри карактеристики на безбедност, можност да создаде имунитет и на ефикасност“.

-Националната комисија за вакцинација препорачува вакцинација со вакцината АстраЗенека за лица на возраст од 18 до 64 години. Националната комисија за вакцинација препорачува период од 12 седмици помеѓу првата и втората доза на вакцината. Овие препораки може да бидат изменети во следниот период, во зависност од најновите податоци, рече Теодориду.

Генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус, објасни дека ќе се развијат два паралелни системи на вакцинација: оној кој е во тек, односно процесот на имунизација на лицата на возраст од 80 години и вториот, нов систем за граѓани од 60 до 64 години кои ќе ја примат вакцината на АстраЗенека.

-Двата системи нема да се вкрстуваат. Односно, граѓанин кој е над 80 години ќе може да закаже термин само во конкретни центри за вакцинација, додека граѓаните во категоријата од 60-64 години ќе можат да закажуваат термини само во центрите за вакцинација со вакцини на АстраЗенека, а не во центрите за вакцинација од останатите категории, објасни Темистокелус и додаде дека имунизацијата со вакцината на АстраЗенека се очекува да започне по 12 февруари.

Генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција, во однос на вакцината од АстраЗенека, на прес конференцијата во понеделникот соопшти дека се очекува да пристигнат 410.000 дози во текот на февруари и  540.000 во март.