Македонија
12. јуни 2021 - 16:45

Вакциналните пунктови ги трошат последните дози, нови донации се очекуваат следната недела

Турската донација од 30 000 вакцини од Синовак од понеделник ќе биде дистрибуирана низ пунктовите за имунизација.  Во вторник, пак, според најавите на здравствените власти стигнува и најавената помош од Грција која ни дава 20 000 дози на Астра Зенека. Од истиот производител поголема количина треба да донира и Бугарија, но министерот Филипче за Сител вели дека се уште не знаат кога ќе стигне. Додека чекаме донации и датум за  500.000 од кинескиот производител, фрижидерите за чување на вакцините се празнат а прва доза дневно веќе две недели, наместо 10 000 како што најавуваа надлежните, добиваат околу 1500 граѓани.  Прогнозите на министерот за здравство се дека наредната недела сликата ќе се смени а ќе има и повеќе интерес кај населението.

-Како стигнуваат поголеми количини, така растер и интересот за пријавување на вакцинација.мк. Засега околу 180.000 граѓани чекаат да добијат термини и очекуваам штом стигнат вакцините набрзо да добијат смс. Од нив околу 40 000 се граѓани над 60 годишна возраст, а околу 50 проценти од оние над 70 години се веќе имунизирани, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Освен донациите, единствено овој период што стигнува во земјата се по 10 000 дози на Фајзер еднаш неделно.

За начинот на пријавување на вакцинација.мк, пак,  реагираат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде со укажување до граѓаните дека ако се пријавиле во април па во јуни системот го регистрира само последното.

-Велат направиле пресек и ќе се вакцинираат лица кој се пријавиле до 30.04.2021.

Но зошто има луѓе над 60 години и пријавени пред 30.04, понеколку пати кој се уште чекаат да бидат повикани на вакцинирање?

Надлежните велат граѓаните треба да се пријавуваат само еднаш, бидејќи системот го регистрирал само последниот пат.

А, нормално е ако луѓето не добиле термин, а се пријавиле до 30-ти април, да се пријават повторно со очекување дека можеби ќе бидат повикани поскоро. 

Никој од надлежните досега ги нема известено за ова граѓаните, изјави Марија Андонова од ВМРО-ДПМНЕ

Според дневните билтени што ги објавуваат од здравство, досега вакцина примиле над 255 000 граѓани од кои над 187 000 се целосно заштитени.