Македонија
1. October 2021 - 12:56

Вакцинацијата стагнира

Струмица не е меѓу регионите со најмал број на вакцинирани граѓани во државата. Директорката на здравствениот дом смета  дека објавената статистика од околу 35% не ја отсликува реалната состојба бидејќи тие бројки се однесуваат само на регионалниот пункт кој беше отворен многу подоцна од другите другите градови. До  периодот на неговото отварање кое беше во втората половина на мај голем број граѓани веќе биле вакцинирани во другите пунктови низ државта, но и  во странство.

„Нашиот пункт се отвори на 17.05. малку подоцна и нашите сограѓани веќе беа вакцинирани со првата доза вакцина против Ковид 19. Исто така имаме граѓани кои се вакцинираа и во соседните држави, во Република Србија и Република Бугарија, а тука можам да напоменам дека сите институции и на локално ниво и на централно ниво, еве и нашите здравствените работници сите се вакцинираа во Скопје. И за тоа сметам дека процентот што е даден се однесува само на вакцинирани во нашиот вакцинален пункт, а не на граѓаните од Струмица и нашите општини“, вели Љубица Митева - директор на  Здравствен дом Струмица.

Од денеска регионалниот пункт кој беше сместен во спортската сала на училиштето Никола Вапцаров ќе биде затворен, но имунизацијата ќе продолжи непречно велат од здравствениот дом. Спортската сала се враќа на користење на учениците а граѓаните кои ќе сакаат да се вакцинираат тоа ќе може  да го сторат во просториите на службата за спортска медицина.

„Регионалниот вакцинален пункт во салата Никола Вапцаров ќе се затвори и продолжуваме со вакцинацијата во службата за спортска медицина во Струмица“, рече Митева.

До сега на вакциналниот пункт во Струмица биле вакцинирани 48 211 лица. 22 785 од нив ги примиле и двете дози. Од здравствениот дом информираат дека и овде веќе е започнат процесот за аплицирање на третата доза. Во изминатите денови таа можност ја искористиле три лица.