Македонија
13. April 2021 - 18:35

Вакцинацијата продолжува според возраст

Донираните 2000 вакцини од Обединетите Арапски Емирати, синоќа од Софија беа транспортирани во фрижидерите во најголемиот пункт во Борис Трајковски. Дозите од Синофарм ќе им бидат достапни на граѓаните по добивање на потребната дозвола од МАЛМЕД. Додека ги чекаат документите во спортскиот центар продолжува боцкањето со Спутник кои се донација од Србија а во трите диспанзери во Скопје вакцинацијата за  повозрасните со Астра Зенека од Ковакс. 

По имунизацијата на војници, полицајци, наставници, новинари, кои се дел од критичните сектори, од утре тимовите продолжуваат согласно приоритетните групи од Националната стратегија. 

Во оваа фаза ќе бидат опфатени возрасни лица од 70 години и постари, категорија што секако е опфатена со најголем број на хронични болести, со висок ризик за тешка форма на Ковид-19 болест, компликации и смртен исход. За среда, четврток и петок отворени се термини за граѓани од 73 години и постари, велат од здравство.

Србија треба наскоро да ги достави и останатите 20.000 дози од Спутник неопходни за ревакцинацијата што ќе почне од 26 април. 

Освен донации, здравствените власти според најавите очекуваат до крајот на месецот да стигнат и 200.000 дози што ги купуваат од Синофарм. Нема одговор кога ќе добиеме и дел од 800.000 вакцини договорени со Фајзер иако од истиот производител до јуни земјата треба да добие 100.000 дози преку Ковакс.

Според официјалните податоци досега во земјата вакцина примиле 26.000 граѓани, но во оваа бројка ги нема имунизираните над 10.000 во соседна Србија.

И додека граѓаните за вакцина чекаат да дојдат на ред според приоритет, болничките капацитети се полни со пациенти. На лекување има 1768 лица.

Изминатото деноноќие во главниот град дури 76 лица завршиле во болница а во внатрешноста најкритично е во Битола и Прилеп.