Македонија
3. March 2016 - 22:11

Увид во градежните работи на локалниот пат Врсаково-Долно Трогерци

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски и штипскиот градоначалник Илчо Захариев денеска направи увид во градежните активности за изградба на локалниот пат меѓу штипските села Врсаково и Долно Трогерци, во должина од пет километри, што се реализира со 17,5 милиони денари од Владата на Република Македонија и девет милиони од општина Штип.

Станува збор за целосно нов пат кој треба да биде готов за еден месец и да им овозможи на земјоделците од Балванското поле полесен пристап кон обработливите површини. Барањето за изградба на патот го поставија земјоделците од Долно Трогерци пред две години на една од националните телевизии.

- Новиот пат има големо значење за земјоделството и за жителите кои живеат во населените места кои се поврзуваат и нивната околина. Неговата градба ја почнавме откако го слушнавме барањето што пред околку две години преку медиумите беше поставено од овдешните жители. Патот веќе почна да се гради и во април треба да биде завршен, изави Груевски.

Тој посочи дека новиот пат се наоѓа во непосредна близина на гасоводот Штип-Клечовце и на далекуводот Штип-Ниш, тука проаѓа и главниот канал за наводнување, а по 2020 година во негова близина треба да биде изграден и новиот аеродром.

Како што истакна штипскиот градоначалник Захариев, изградбата на овој локален патен правец придонесува за враќање на младите во селските населби, а воедно отвора можност да се користи и како велосипедска патека.

- Доколку се доизгради и патокот кон светиниколското село Мустафино ќе се добијат велосипедски патеки во должина од 40 километри, а истовремено ќе биде зачувана и основната функција на локалниот пат за поврзување на селата....Во селото Врсаково веќе имаме веќе 14 нови куќи, а изградбата на овој локален пат ќе придонесе за враќање на младите во селата. Балванското поле е најплодно во Македонија и овде се раѓаат по пет тони жито по хектар без ѓубрење на земјиштето, рече Захариев.

Земјоделецот од Трогерци, Ефтим Шаклев нагласи дека изградбата на локалниот пат ќе придонесе за земјоделците полесно да стигнат до своите ниви и ќе ја зачувува земјоделската механизација.

- Ова е подрачје каде доколку наврне половина литар на метар квадратен дожд по пет дена не може да се влезе во нива. Новиот пат ќе помогне во секое време да ни бидат пристапни нивите, рече Шаклев.

Потенцира дека има млади луѓе кои сакаат да се вратат во околните села, бидејќи, како што рече, тука има идеални услови за развој на поледелство, сточарство, лозарство и овоштарство,