Македонија
17. February 2016 - 17:26

Утврден идентитетот на безживотното тело во Охрид

Безживотното тело пронајдено денеска во кампот „Партизан“ во охридската населба Далјан е на 49-годишниот Есад М. кој во охридската полиција пред десеттина дена беше пријавен како исчезнат.

Според информациите од СВР – Охрид, нема видливи повреди и траги на насилство врз безживотното тело, што било констатирано при извршениот увид и медицинскиот преглед спроведен непосредно после откривањето.

Инаку, според пријавата поднесена од неговиот брат, сега починатиот Есад последен пат бил забележан на 2 февруари годинава, а неговото место на живеење било во камп-приколка од Феријалниот сојуз.

По наредба на Јавен обвинител, во текот на утрешниот ден врз безживотното тело ќе биде извршена обдукција во Судска медицина при Медицинскиот центар во Битола.