Loading Video...
Спорт плус
30. јуни 2018 - 16:40

Утре на Водно, Европски шампионат во планинско трчање

Утре на Водно ќе се одржи 17.тото Европското првенство во планинско трчање, на кое ќе настапат рекорден број на натпреварувачи, информираа од организацискиот одбор на денешната средба со медиумите. 

На првенството, прво во Македонија од ваков вид, ќе настапат 254 натпреварувачи од 29 земји, меѓу нив и од Македонија. Боите на Македонија ќе ги бранат Весна Кираџиева, Адријана Поп Арсова, Миљана Ристиќ, Атанас Анчевски, Александар Кирковски, Марјан Бонев, Милош Ранчиќ и Муџафид Муслими во сениорска и Елена и Емилија Лазаровска, Хајрие Азири, Дејан Ангеловски, Матеј Драгановски и Хашим Куртиши во младинска конкуренција.

Почетокот на трката на патеката долга 10,9 км е на Средно Водно (10.45 и 12.30 часот), потоа се трча кружно, со цел повторно на Средно Водно. На ЕП ќе учествуваат атлетичари од Италија, Турција, Хрватска, Чешка, Словенија, Велика Британија, водечките земји во планинското трчање.

Затоа утре со почеток од 9 часот, за време на натпреварот ќе има ограниченост и забрана за движење на возила. Како што информира организаторот, Атлетската федерација на Македонија, кај Турската резиденција затворена ќе биде улицата „Тодор Александров“ која води до Средно водно, а затворена ќе биде и улицата која води од Горно Нерези до Средно водно кај Ресторан Кна. 

Забраната ќе важи за сите возила, освен за редовните линии на ЈСП Скопје, кои ќе се обраќаат по нивната редовна рута.