Македонија
11. July 2017 - 9:54

Утре е Петровден, а вечерва ова мора да го направите

Утре е голем празник Петровден, еден од најголемите по Велигден, празник посветен на апостолите Петар и Павле. 

Светиот апостол Петар е син Јонин, брат на Андреј Првоповиканиот, од племето Симеоново, од градот Витсаида. Беше рибар и прво се викаше Симон, но Господ благоизволи да го нарекува Кифа или Петар (Јован 1, 42). Прв од учениците јасно ја изрази верата во Господ Исус, велејќи: „Ти Си Христос, Син на Живиот Бог“ (Матеј, 16, 16). Љубовта кон Господ му беше голема, а во верата се утврдуваше постапно. Кога Го изведоа Господ на суд, Петар трипати се одрече од Него, но само еден поглед на лицето Господово го исполни со срам и покајание. По слегувањето на Светиот Дух стана неустрашлив и снажен проповедник на Евангелието. После една негова беседа во Ерусалим се обратија околу три илјади души. Го проповедаше Евангелието ширум Палестина и Мала Азија, Илирика и Италија. Вршеше големи чуда: лечеше болни, воскреснуваше мртви, дури и од неговата сенка се исцелуваа болните. Имаше голема борба со Симон Волхот, којшто се прикажуваше за бог, а всушност беше слуга сатанин. Најпосле го посрами и го победи. На заповед на свирепиот цар Нерон, којшто беше пријател на оној Симон, Петар беше осуден на смрт. Откако го постави Лин за епископ на Рим и го посоветува и утеши стадото Христово, Петар радосно појде да прими смрт. Кога виде пред себе крст, ги замоли џелатите да го распнат главечки, бидејќи се сметаше себеси за недостоен да умре како неговиот Господ. Така се упокои и прими венец на вечна слава великиот слуга на великиот Господ.

Светиот апостол Павле е родум од Тарс, од племето Венијаминово. Прво се викаше Савле, учеше кај Гамалиил, беше фарисеј и гонител на христијаните. Во христијанската вера беше обратен преку чудо од Самиот Господ, Којшто му се јави на патот за Дамаск. Крстен од апостолот Ананија. Му се даде името Павле и беше приброен кон службата на големите апостоли. Со пламена ревност го проповедаше Евангелието секаде, од границите на Арабија до Шпанија, меѓу Евреите и незнабожците. Го нарекоа апостол на незнабожците. Колку што беа страшни неговите страдања толку беше натчовечко неговото трпење. Низ сите години на неговото проповедање како на тенок конец висеше ден за ден меѓу животот и смртта. Откако сите денови и ноќи ги исполни со страдања за Христа, откако на многубројни места ја устрои Црквата и откако ја достигна таа мера на совршенство што можеше да рече: „не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“, беше убиен со меч во Рим, во времето на царот Нерон, кога и апостолот Петар.

Во некои места обичај е пред големиот празник да се палат китки кои се направени од млада кора на дива цреша или бреза. Обично тоа се прави на место каде се собира народ, на плоштади, раскрсници и во тоа учестуваат деца и млади.

Палењето огнови ги симболизира оние времиња кога христоборните цареви ги прогонувале и мачеле христијанитем врзувајќи ги за дрвени столбови, по што ги полевале со смола и ги палеле.

На овој празник не се работи, порано стоката се прскала со вода за да биде здрава цела година, а се плетеле и венци и им се ставале на роговите на животните.

На овој ден не смеат да се сечат јаболки со нож, ниту да се удираат јаболки една од друга. Се верувало дека во спротивно ќе падне силен град. Некои им носат јаболки наутро на соседите, а некои разнесуваат за покојните.

Обичај е да се меси колач со јаболки.

Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат.

  • Галичник

Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.

  • Кумановско

Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Куманово. Тој ден рано наутро уште пред сонце, оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте. Исто така бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира. Во овие петровденски верувања интересно е и фрлањето измет од стоката врз бавчите и нивите со земјоделски култури. Изметот земен од местото каде што стоката пладнувала (меризувала), или од пазарот се верува ќе влијае врз родот да биде густ и обилен како што била стоката на тоа место. Во сиве овие верувања, како што може да се види присутна е имитативната магија верувањето дека сличното предизвикува слично.

  • Гевгелиско

Во Гевгелиско за јадење на овој ден правеле млечник за да бидат цела година благи како млекото, а во Скопска Црна Гора се верувало дека кој ќе се омрси во Петровденските пости ќе се скрастави. Во овој крај ако било сушно времето на овој ден носеле крсти (литии) и со песната „Крсти носам бога молам” се молеле за дожд.

  • Охридско

Според преданието што во Охрид го забележал Е. Спространов „Петре и Павле биле побратими. Сек’де заедно оделе, ама Павле бил болен. Петре си рекол: Ов’ј жоек ќе умрит, ја ај да му ископам гробот. Ко фатил да му копат, дошол Ристос и го опитал: Шо копаш бре Петре? -Ами Павле је болен рекол, та му го коп’м гробот. – Ја ај легни да видиме, али чинит за тебе! Петре легнал и не станал веќе. Ето затоа рекле: Не копај гроб за друѓего, за да не влезиш сам во него. Петре копаше гроб за Павлета, ама сам умре во него, а Павле си остана ушче да си живејт”.