Македонија
13. January 2016 - 13:07

Усвоена програмата за работа на Советот на општина Битола

Советот на општина Битола ја усвои програмата за работа во 2016 година која, како што истакнуваат од локалната самоуправа, во текот на целата година ќе биде отворена за секој нов предлог ако тоа значи збогатување и подобрување на нејзиниот квалитет.

Според програмата, во првиот квартал од оваа година, општинските советници ќе расправаат за посебни програми за одбележување на позначајни историски настани, програмите, извештаите и завршните сметки на институциите и јавните претпријатија чиј основач е Советот на општина Битола вклучувајќи го и најновото јавно претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг. Во овој период од годината на дневен ред ќе бидат и информациите за состојбата и движењето на заразни болести во општина Битола, информација за опфат на имунизација, за контрола на интрахоспитални инфекции, како и за мерките и активностите кои се превземаат за спречување на појавата и ширењето на бруцелоза кај населението во општина Битола.

Во вториот квартал од годината, битолските советници ќе расправаат по  информацијата за безбедност на водата за пиење што ја користи населението од подрачјето на општината Битола, информација за ризикот на комуналната бучава врз здравјето на населението како и за ризикот од исхраната и ухранетоста на предучилишни и училишни деца кои ги подготвуваат тимови на Центарот за јавно здравје во Битола. Во овој период од годината ќе бидат разгледани и информацијата за работите што се однесуваат на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот и патиштата, како и информација за состојбата на шумските површини и опасностите од пожари, информираат од Советот на општина Битола.

Според востановената традиција во третиот квартал, односно во периодот јули, август и септември на дневен ред ќе бидат извештаите и програмите за работа на основните и средните училишта во градот како и други програми и информации од надлежност на локалната самоуправа, додека во последниот квартал на дневен ред ќе бидат програмите за работа во 2017 година на институциите и јавните претпријатија чиј основач е општина Битола.