Македонија
30. July 2021 - 21:05

Усвоен новиот ребаланс на буџетот на Газа Баба, обезбедени дополнителни 146 милиони денари

Мнозинството советници во Советот на Општина Гази Баба го донесе новиот ребаланс на буџетот за 2021 година. Овој нов, втор ребаланс, во буџетот носи нови 146 милиони денари, средства наменети за подобрување на инфраструктурата во општината преку изградба на улици, водоводни и канализациони мрежи.

– Лажни и лицемерни се обвинувањата на советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Фактите говорат дека токму советниците на ВМРО-ДПМНЕ преку неосновани процедурални излагања и чести барања паузи ја блокираа работата на Советот. Граѓаните треба да знаат дека 56 седница на Советот започна на 29.07.2021 година (четврток) во 12 часот, а дневниот ред за работа на седницата беше донесен дури во 19:30 часот. Исто така лага е дека предложениот ребаланс не поминал на комисиите во Советот. Факт кој може да се провери во службите на општината, е дека сите комисии за работа на Советот уредно беа закажани и заседаваа. Лага е дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ немаа можност да поднесат амандмани на предложениот ребаланс. Факт е дека мнозинството и градоначалникот прифати 5 предложени амандмани од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а останатите предложени амандмани самата советничка група на седницата ги повлече, информираат од прес-службата на Општината Гази Баба..

Оттаму посочуваат дека факт е дека во овие три години, со правилно менаџирање на општината, буџетот е стабилен и ликвиден и оти овие три години сите предложени ребаланси на буџетот на општината биле за зголемување на приходите со нови средства, додека во минатото кога се крателе основните средства.

– Жалиме што советниците на ВМРО-ДПМНЕ и по триесет часовната расправа, не се одважија да гласаат за ребалансот, во кој беа вградени и нивните предложени амандмани и да ја напуштија 56 седница на Советот. Општина Гази Баба останува посветена на граѓаните решавајќи ги проблемите кои ги мачат, се наведува во општинското соопштение.