Македонија
28. December 2019 - 14:04

Усвоен Буџетот на Општина Куманово

Милијарда и 851 денар изнесува вкупниот Буџет на Општина Куманово, што советниците го изгласаа на маратонска седница, најдолга во историјата на општинскиот Совет, која почна вчера во 10:00 часот, а заврши во 2:30 часот по полноќ.

Раководителката на секторот за финансиски прашања Ирена Илиевска, соопшти дека 28 милиони денари е развојната програма, а вкупните капитални инвестиции се 200 милиони денари, вклучувајќи ги и развојните програми и програми на јавните претпријатија.

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски вели дека буџетот е развоен и опфаќа реконструкции на улици, изградба на водоводна и фекална канализација во урбаната и руралната средина како и во приградските населби. Годинава, соопшти ќе се одвојат и средства за набавка на високо квалитетни садници и средства за преземање мерки за намалување на аерозагадувањето, како и повеќе средства за гасификација.

Координаторот на опозицијата во Советот, предводена од ВМРО ДПМНЕ, Драган Петковски, пак вели дека буџетот е далеку од развоен, што, според него, во текот на годината ќе го почувствуваат граѓаните. Зголемување има, вели само во плати и придонеси. Нивните амандмани за проекти од комунална област и намалување на аерозагадување не поминаа.

Во буџетот за 2020, Куманово предвидува средства за реконструкција на улици, изградба на водоводна, фекална, атмосферска мрежа, експропријација, пошумување и озеленување.

Вметанти се и донации со кои се предвидува реконструкција на поранешниот хотел „Солун“ и на Спомен Костурницата, изградба на водоводна мрежа иа санација на училиште. Предвидени се средства за социјална сфера, еднократна парична помош за социјално ранливи категории граѓани, за самохрани родители, и лица со инвалидитет.

Општинската каса  ќе се полни, најмногу од даноци на имот,  од комунални такси, легализација, продажба на државно земјиште, од ДДВ и други даноци кои го полнат буџетот.  Буџетот на Куманово ќе биде доставен до Министерството за финансии, по што се очекува неговата реализација да почне во 2020 година.