Македонија
8. јуни 2021 - 16:29

Успешна спасувачка акција кај Мавровка

Љубовни проблеми стојат позади 4 часовната драма кај ТЦ Мавровка. Средновечен маж уште од 8 часот изутрина буквално стоеше на работ од зградата, во обид да си го одземе животот. Бил и агресивен. Во неколку наврати летале и шипки кон заштитните душеци пред зградата кои ги поставија пожарникарите. Сето ова се случуваше пред очите на љубопитните минувачи кои воедно беа и загрижени. По неколку часа убедување од страна на полицијата, брзата помош и пожарникарите успешно заврши спасувачката мисија.

Целата драма почнала уште изутрина велат соседите, кои зад камера раскажаа дека кога го виделе човекот како стои на работ на терасата веднаш повикале полиција. Но повеќе детали не споделија, бидејќи ни посочија дека се потресени од глетката. 

По успешниот обид на надлежните да го одвратат мажот од намера, тој беше приведен. Од МВР велат дека е во полициска станица за да обезбедат информации за понатамошна постапка.

Пред речиси три месеци слична драма го сврте вниманието на јавноста, кога 35-годишна девојка од Карпош се обиде да скокне од висококатница.