Свет
5. May 2017 - 12:20

Успех на британските конзервативци на делумните локални избори

Британската Конзервативна партија забележа успех на вчерашните делумни локални избори во Англија, Велс и Шкотска, покажуваат првичните резултати од пребројувањето на гласовите.

Гласачите одлучуваа за поплнувањето на 4.851 место во општинските совети, главните органи на локалната власт во Велика Британија, во 88 општини, од кои 34 во Англија и 54 во Велс и Шкотска.

Според изборните резултати, конзервативците на премиерот Тереза Меј освоија 155 нови места во општинските совети и на тој начин ја зголемија својата предност на локално ниво пред опозициските лабуристи.

Лабуристичката партија доживеа неуспех во Велс, каде успеа да ја задржи контролата врз Советот на Кардиф, но доживеа пораз во две други општини, загубувајќи вкупно 125 места во општинските совети.

Либералните демократи не успеаја во поскуваниот пробив кај гласачите и на вчерашното гласање загубија вкупно 22 места во советите на општините каде се гласаше, додека најголем губитник е десничарската, антиевропска Партија за независност на Обединетото кралство (УКИП) која е „целосно збришана“ во северните општини на Англија, каде партијата ги загуби сите свои досегашни места во локалните органи на власта.

Се уште не се познати резултатите од гласањето во Шкотска, како и за изборот на шест градоначалници, меѓу кои и за поширокиот дел од Манчестер и за градот Ливерпул.

Изборите се одржаа на само пет недели пред превремените парламентарни избори.

Аналитичарите во Лондон оценуваат дека иако делумни и за мал број оптини, изборите одново ја покажаа предноста што конзервативцие ја имаат пред другите партии, иако се согласуваат дека Британците на изборите за Парламентот, честопати гласаат поинаку отколку на локалните избори.