Македонија
23. May 2017 - 17:00

Условни казни за 9-мина обвинети за насилството во собранието на 27. Април

Деветмината обвинети за нередите во Собранието заработија условни затворски казни, за учество во толпа. Првообвинетиот ќе се соочи со затворска казна од година ипол доколку во следните 5 години го повтори делото, додека останатите ќе се соочат со затвор од 6 месеци ако делото го повторат во следните година и половина.

Претходно сите обвинети признаа дека вечерта на 27 април најпрво биле дел од мирните протести, но откако ја слушнале химната на странска држава биле понесени од толпата, влегле во собраниската зграда, но никого физички не повредиле и не очекувале состојбата да ескалира.

Од пресудата се задоволни и адвокатите на дел од обвинетите, бидејќи сметаа дека судот ги земал во предвид олеснителните околности.

Во знак на поддршка на обвинитетите и денеска пред судот протестираа 50-тина граѓани и членови на патриотски здруженија.

Во меѓувреме МВР и натаму работи на целосно расчистување на настаните во Собранието и идентификација на сите лица кои сториле кривично дело. Во денешното соопштение се вели дека 4 лица биле повикани на разговор, додека кај едно лице по налог на судија на претходна постапка е извршен претрес во домот, при што не се пронајдени предмети со кои е извршено делото. Од МВР велат дека во консултација со јавен обвинител против сите нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Македонскиот полициски синдикат, пак од министерот Нухиу побарал темелно, правично и законско постапување за секој случај поединечно, како и неисклучување на командната одоговорност на полицијата одговорна за обезбедување на Собранието.

Исто така побарано е мерката отстранување – суспензија од работното место, која е негово дискреционо овластување, да не се применува како правило и поединечно да се преиспитаат веќе донесените решенија за отстранување, како и да ја искористи својата позиција за да побара дисциплинските комисии што побргу да заседаваат и побргу да се решат случаите поврзани со колегите кои веќе се отстранети од работните места, се истакнува во соопштението на МПС.