Македонија
30. March 2018 - 19:56

Условен напредок во преговорите, Нимиц, Димитров и Коѕиас оптимисти

„Има условен напредок во преговорите, бидејќи  како одиме напред  доаѓаме до потешките прашања. И од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување, и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за едната страна и за другата страна и дали можеме во компромисот кон кој се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа не зачудува што колку отворено и поконкретно чекориме кон решение така и тешкотиите излегуваат се повеќе на виделина“, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по денешната седумчасовна средба со својот грчки колега Никос Коѕијас и медијаторот на ОН, Метју Нимиц, во Виена. 

- Има позитивен напредок во преговорите, но сепак остануваат тешки прашања што треба да се надминат, изјави медијаторот Нимиц.

Според него, цел ден тие имале и тоа бил продуктивен состанок, што го наведува да биде оптимист за иднината.

- И двајцата министри се фокусираат на дологорочните односи, на стабилноста во регионот, на важноста од добри односи помеѓу двете земји и имам надеж дека ќе продолжиме да работиме со овој позитивен пристап, додаде Нимиц по средбата.

Паралелно  со средбата Нимиц со Димитров и Коѕијас, како што кажа медијаторот, се одржал состанок и на дипломати и експерти од двете страни кои работат на прашања од договорот и се концентрираат на продлабочување на односите  на двете земји.