Македонија
23. March 2020 - 20:06

Уште еден смртен случај, нови 22 заболени од коронавирус за 24 часа во Македонија

Втората жртва на корона вирусот во земјата е 63 годишен пациент од Дебар кој на Инфективна го хоспитализирале пред 5 дена. Цело време бил на кислородна поддршка а синоќа дошло до  влошување на неговата состојба по што починал. Немал претходни хронични заболувања исто како и 57 годишната кумановка која почина вчера а Ковид 19 и дијагностицирале посмртно.

-Пациентите кои претходно имаат заболувања на белите дробови имаат повисок степен на смртност. Тоа значи дека повозрасните и оние со хронични заболувања се ризична категорија, изјави Венко Филипче, Министер за здравство.

По наливот на граѓани кои почнаа да прават домашни аптеки со сумамед, Министерот за здравство апелираше никој на своја рака да не зема лекови а антибиотик ќе има само со рецепт и препорака од матичен. Здравствените власти ја обезбедиле и експерименталната терапија за лекување на ковид 19 за која чекаат одобрување од стручните лица.

-Станува збор за комбинација на терапија која досега во повеќе публикации укажува на тоа дека дава добри резултати во лекувањето на овие пациенти и согласно процедурата кај нас, протоколот за лекување треба да се прифати на стручниот колегиум на Клиниката за инфективни болести, што веќе се направи, и денеска или веќе утре треба да се заврши формално-правната постапка за добивање дефинитивна дозвола за употреба на оваа комбинација на терапија од Агенцијата за лекови МАЛМЕД, по што веднаш ќе биде аплицирана на сите пациенти каде е тоа индицирано. Станува збор за терапија за која допрва ќе се прават клинички студии, но веќе многу земји ја ставија во протоколите со оглед на тоа што даде добри резултати во повеќе земји кај многу пациенти со навистина добри резултати, заради што ние го правиме истото“, информираше министерот Филипче.

На Инфективна денеска се прават контролни тестови кај 6 пациенти за да се утврди дал исе уште се носители на вирусот без разлика на клиничката слика. Во дијагностиката на корона вирусот се вклучија и матичните лекари кои преку Мој термин ќе испраќаат сомнителни пациенти на проверка во 14те пунктови во државата. Во Скопје тестови прават во посебни изолирани простории во поликлиниките Јане Сандански и Ченто.

-Тие се одобрени од инспекторат и во нив се епидемиолози, одделени се од останатите ординации и денеска до 12 беа пополнети сите термини, вели др. Виктор Исијановски, директор на Здравствен дом Скопје.

Деновиве тестови ќе им бидат направени и на околу 200 лица поврзани со заразената докторка од Клиниката за кожни болести откако им помина перидот на изолација.

-Никој од моите лекари досега не појавил симптоми и ако се здрави ќе се вратат на работа, вели Исијановски.

Бројката на заразени со корона вирусот во земјата се искачи на 136. Изминатите 24 часа ковид 19 е откриен кај 22 лица од кои 15 се во Скопје. Во главниот град има 81 заразен а останатите се во Дебар, Куманово, Штип и Охрид.