Бизнис
7. November 2019 - 13:49

УСАИД и FX3X со заедничка иницијатива за развој на работна сила

Денеска, Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и компанијата за анимација и визуелни ефекти FX3X отпочнаа соработка за унапредување на развојот на занимањата во индустријата за визуелни ефекти и дигитална анимација. Во рамките на тренинг центарот на FX3X, Проектот и компанијата ќе кофинансираат воведна обука за визуелни ефекти и дигитална анимација која ќе им помогне на учесниците да најдат вработување и да се пробијат во оваа брзорастечки индустрија. 

„Целта на оваа заедничка иницијатива е да се зголеми вработеноста во земјата со премостување на јазот меѓу кадрите кои им се потребни на компаниите и оние кои се нудат на пазарот. Побарувачката за аниматорите и уметниците за визуелни ефекти е висока и ќе продолжи да расте, па затоа мораме да се погрижиме дека оние кои се заинтересирани за овие креативни кариери, особено младите, имаат доволно прилики за да ги запознаат и да ги стекнат потребните вештини“, изјави Мирјана Македонска, Директор на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

Проектот и FX3X дополнително ќе соработуваат на организирање на промотивни работилници за анимација и визуелни ефекти во средните училишта со цел популаризирање на овие перспективни занимања.

Кристијан Даниловски, ко-основач и извршен продуцент во FX3X, објасни зошто компанијата одлучи да соработува со УСАИД на оваа иницијатива. „Ние континуирано инвестираме во развојот на нашите вработени, но мораме да инвестираме и во развојот на оние кои можеби во иднина ќе станат наши вработени, затоа што растот на нашата компанија многу зависи од достапноста на квалификувана работна сила. За жал процесот на формално образование не е доволен за да се произведат кадрите кои се потребни во нашата индустрија, иако има одлична перспектива за вработување и добри примања. Затоа сметаме дека приватниот сектор може да го пополни образовниот јаз преку ваков вид на обуки за вработување, што ќе донесе придобивки не само за компаниите, туку и за целата економија“.

Соработката меѓу УСАИД и FX3X датира уште од 2004 година, кога со помош на УСАИД беше организиран проект на основна едукација во дигитална анимација, кој ги опфаќаше средните училишта во државата, а потоа и заеднички беше реновиран објектот во кој компанијата работи и денес со градежна и дигитална инфраструктура. УСАИД понатаму соработуваше со FX3X во рамките на деловниот развој, врзувањето со странските пазари и обучувањето на студенти за влез во индустријата.

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем е петгодишен проект (2017-2021) кој го поддржува развојот на работната сила преку кофинансирање на обуки за вработување на дефицитарни кадри во соработка со водечки компании.

FX3X е водечка компанија за анимација, визуелни ефекти и пост продукција со портфолио кое вклучува работа на бројни холивудски блокбастери и добитници на наградата Оскар, но и многу домашни филмови како високо-наградуваниот документарен филм „Медена земја“.