Свет
28. December 2016 - 19:04

Урнат мостот што ги поврзува источен и западен Мосул

Во воздушен напад на коалициските сили во Ирак вчера бил урнат мостот што ги поврзува источен и западен Мосул, градот што ирачките сили се обидуваат да го повратат од џихадистите, наведоа денеска жители на Мосул.

Ирачките сили напредуваа во источен Мосул, што е поделен со реката Тигар, и повратиле некои од областите од таа страна на градот, што повеќе од 2,5 години го контролира Исламска држава, пренесуваат француските медиуми.

Западните медиуми наведуваат дека западната страна на Мосул останува во рацете на џихадистите.

-Во воздушниот напад е урнат мостот, па сега не е можно да се мине преку него, изјави жителот на Мосул, Абу Али, пренесува Танјуг.

Тој изјави дека единствениот премин преку  реката сега е со чамец, што го потврди и друг жител на Мосул, кој  не сакаше да биде именуван.

Дека имало воздушен напад потврди и заменик директорот на безбедносниот одбор на ирачката провинција Ниневех, Хашим Брискани, кој подвлече дека тоа бил последниот мост што ги спојува источен и западен Мосул.

Абу Али и Брискани изјавија дека нападот се случил вчера, додека коалицијата околу САД, која и го извела нападот врз ИД, соопшти дека тој бил изведен ден претходно, односно во понделникот.