Македонија
25. January 2016 - 15:26

Универзитетот за национална одбрана се очекува да почне со работа оваа академска година

Собраниската Комисија за образование и наука како матична комисија денеска го разгледа Предлог - законот за основање универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“.

Планирано е во рамки на универзитетот да функционираат осум целини односно Воена академија, Воздухопловна академија, Факултет за безбедност, Медицински факултет, Факултет за мировни студии и кризен менаџмент, Правен факултет, Институт за командни и штабни функции и лидерство и Институт за информатички технологии и сајбер безбедност.

Најголем дел од осумте целини на универзитетот се очекува да почнат со работа во академската 2016/17 година.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека голем дел од кадарот од постоечката Воена академија „Генерал Михајло Апостолски“ се очекува да стане составен дел од новиот универзитет. 

- Постоењето на сите овие високообразовни институции е од големо значење за вкупното високо образование во Македонија, како и за сегментираните делови кои се од исклучително значење за спецификите што и се неопходни на Армијата на Република Македонија, рече Ристовски.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски истакна дека идејата за новиот универзитет потекнала од Министерството за одбрана уште во април или мај минатата година. 

- Ова не е процес кој се случува преку ноќ. Имаше неколку одлуки на Влада и тимови работеа на програмата на универзитетот. Многу земји членки на НАТО имаат универзитет за национална безбедност и одбрана и тоа е неопходно за да имаме еден заокружен систем на образование. Од тој аспект мислам дека предложениот текст на законот е солиден и изработен од голем број експерти. Се надеваме дека ќе биде многу квалитетна високоообразовна институција, рече Јолевски.

Пратеничката Солза Грчева оцени дека се работи за несериозен пристап кон ова прашање. Според неа, можеби има потреба од формирање високоообразвна институција за потребите на одбраната, но погрешен е изборот на факултети кои ќе бидат дел од универзитетот бидејќи нема потреба дополнително да се отвораат уште еден медицински и правен факултет покрај постоечките кои веќе функционираат.

Таа побара да им биде доставен списокот на членови од Одборот за акредитација и нивното мислење за отворањето на новиот универзитет, како и елаборатот за оваа високообразовна институција.

Заменик-министерот за образование Ристовски рече дека не е проблем да го достават мислењето од Одборот за акредитација, но истакна дека Владата воопшто не може да разгледува каков и да е предлог за отворање на нов универзитет доколку претходно не добие позитивно мислење од Одборот за акредитација. 

- Владата не може и не смее да разгледува предлог закон за формирање на нов универзитет без претходно Одборот за акредитација да даде свое мислење. Ве уверувам дека законски Владата воопшто не го поставува текстот на законот доколку нема позитивно мислење од страна на Одборот за акредитација, нагласи Ристовски.