Македонија
22. April 2016 - 14:41

Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола го слави денот на формирањето

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола денеска слави 37 години од денот на основањето, празник кој се совпаѓа со одбележувањето на 1.100 годишнината од упокојувањето на патронот Св. Климент Охридски.

Годишнините се силни моменти на враќање кон самите себеси, на интроспекција, моменти на размислување за изминатиот пат и проекција, перспектива за она што следи, што треба да се изоди, изгради, истакна Ректорот професор д-р Сашо Коруновски на денешната свечена академија во Битола.

- Да се одбележува годишнина на Универзитет, покрај силната симболика што го придружува настанот претставува и убава можност да се запрашаме за некои аспекти на она што треба во иднина да го градиме. И скоро по правило, според социологијата на институциите која толку наликува на социологијата на луѓето, тоа секогаш го правиме на посебен начин, односно го истакнуваме, и тоа, по дедукција, од само две причини, како знак на признавање на нашето минато и како надеж за подобра иднина. А помеѓу тие две нешта е сместена сегашноста, рече Коруновски.

Тој порача дека никогаш не смееме да заборавиме дека живеееме во сегашноста. А, сегашноста, додаде, е она што минатото ни го дало и она што во себе содржи ветување за иднината.

- Живееме во свет што се менува со неверојатна брзина. Тоа е заедничко искуство на сите луѓе на Земјата без оглед на сите други разлики. Како да се соочиме со брзите и неминовни промени, повремено хаотични, а притоа да го задржиме чувството на контрола, сигурност, поврзаност и љубов помеѓу луѓето? Нашиот најдобар, најефикасен одговор на сите овие барања е – доброто образование, посочи првиот човек на Битолскиот Универзитет.

Ректорот укажа на моќта на доброто образование и зошто е добро да веруваме во илјадниците млади луѓе, студенти коишто во нашиот систем треба да добијат поттик да градат модерно општество и научно-истражувачки потенцијал на нашата земја.

- Нашиот УКЛО заедно со останатите субјекти во високото образование во државата треба да докаже што и како може да придонесе, да каже, да направи, да изгради. Не само декларативно, искажувајќи добри намери, туку со придонес што кореспондира со новото столетие, неговите предизвици и неговата комплексност. Потенцијалите ги имаме и треба само да ги обединиме. Тоа е она што очекуваме во иднината, истакна Ректорот Коруновски.

На денешната свечена академија на познатиот адвокат Тома Фила му беше доделено звање почесен доктор (Doctor Honoris Causa) во знак на признание за неговиот огромен придонес за развојот и угледот на адвокатската професија и за особениот придонес во развивањето на односите на пријателство и соработка помеѓу правните експерти и адвокатите од Република Србија и Република Македонија.

- Ова признание, со мене го дели и мојот татко Филота Фила, легенда на југословенската адвокатура. Се почна во овој прекрасен град, град во кој неговите жители успеаја да го внесат европскиот дух на Балканот. Моето семејство е од Битола. Јас никогаш не го заборавив своето потекло и знам дека човек без корен нема своја вредност, а мојот корен е овде во Битола. Србија е мојот дом, но Македонија е мојата татковина. Јас никогаш не сум се откажал од потеклото нити пак од македонското државјанство, а сепак бев избран за претседател на Адвокатската комора на Србија, истакна Фила.

На свеченоста присуствуваа гости од универзитетите во Македонија, претставници на МАНУ, поранешни и сегашни амбасадори од Србија и Македонија.