Бизнис
23. November 2020 - 16:33

Угостителите бараат наместо за новогодишни прослави парите да се донираат за спас на секторот

Со дел од парите за предновогодишните прослави да се помогнат угостителите, бараат од независната комора. Велат дека секоја година пред празниците фирмите за прослави трошат повеќе од 20 милиони евра. Годинава бидејќи  нема да се органзираат предновогодишни  забави, предлагаат  дел од добивките компаниите  да ги донираат за спас на угостителската индустрија.

-На прагот сме на декември, месец кога нема фирма која држи до себе, a нема направено предновогодишна прослава и забава за своите вработени и за своите најверни клиенти. Тоа е месецот кога се бараат врски и ургенции да се резервира невреме омилениот угостителски објект, кога се бара врска за влез и место плус за уште еден гостин.  Оваа година поради пандемијата Ковид-19 омилените новогодишни забави ќе ги нема. Од НУК очекуваат безмалку сите финансиските институции банки и осигурителни компании, телеком друштвата, фирмите од фармацевтската индустрија, друштвата кои тргуваат со електрична енергија, производителите и добавувачите на храна и пијалоци и сите останати кои оваа година ќе остварат добивки со планираните средства за предновогодишната прослава и забава да се приклучат кон кампањата и ги инвестираат или донираат во целост буџетите за предновогодишните прослави за опстанок на угостителската индустрија и омилениот угостител, вели Здравко Јосифовски од независната угостителска комора.

Апелираат до владата наместо нови ограничувања, да  донесе пакет помош само за угостителите. Со месеци работат со загуби и ако не добијат подршка  целосно ќе крахираат.

И првиот човек на СКМ Азески вели дека во вакви услови потребно е државата да обезбеди минимално функционирање на економијата, во спротивно ќе настане целосен хаос. Според Азески клучниот момент е кога државната помош ќе почне да спласнува.

Особено е важно, во состојба на хибернација економијата да се сведе на минимум функционалност, а тој минимум може да се обезбеди само со средства од државниот Буџет. Алтернативата е „неконтролираниот хаос“ кој може да настане. Оваа кратка ретроспектива не треба да се сфати како реализирана прогноза, туку како факт дека треба да се подготвиме за она што претстои, вели Азески.

Во моментов се реализира сет економски мерки за граѓаните и стопанството, но тој ќе помогне да ја протуркаат годинава. За следната владата најави нови пакети и нови мерки.