Loading Video...
Фудбал
23. April 2020 - 15:43

УЕФА пресече: Крај на првенствата до 3 август, настап во евро-куповите според пласманот на табелата

Извршниот одбор на УЕФА денеска преку видеоконференција го одржа долго очекуваниот состанок, на кој е донесена одлука околу иднината на европските натпреварувања. 
 
Според првичните неофицијални информации кои доаѓаат од англиските медиуми, решено е, доколку во националните првенства прекинатата сезона не се доврши, местата за настап во европските купови за следната сезона ќе се определуваат според остварените резултати или пласман до моментот на прекин на лигите.
 
УЕФА нема да го одредува пласманот во домашните првенства и да распределува титули, туку само ќе одреди кои екипи ќе се квалификуваат за настап во Лигата на шампиони и Лига Европа.
 
Од УЕФА очекуваат, сезоната да се доврши во најголемиот дел од земјите и тоа со препораката до националните федерации, лигите да завршат до 3 август, по што би се доиграле сезоните во двата европски купа (ЛШ и ЛЕ).
 
Што тоа би значело за македонските екипи? Според најавеното, доколку сезоната во Првата македонска фудбалска лига, не заврши, односно истата биде заокружена според досегашниот пласман на екипите, тогаш Вардар како првопласиран тим во моментов ќе ја преставува Македонија во Лигата на шампионите, додека во Лига Европа би играле второ и трето пласираните екипи, а тоа се кратовски Силекс и тетовска Шкендија.
 
Сепак, вчера првиот човек на ФФМ, Мухамед Сејдини најави дека главна цел на федерацијата ќе биде комплетно заокружување на сезоната, како што тоа впрочем го препорачува Европската фудбалска федерација, која воедно побарала од националните федерации до 27 мај да се изјаснат дали може да ја продолжат и завршат сезоната.