Бизнис
15. December 2019 - 19:31

Училиштата работат на идеја како да се поттикне истражувачкиот капацитет кај учениците

Основните и средните училишта покажуваат голем интерес да бидат дел од повикот „Предизвик за млади истражувачи" велат од Фондот за иновации и технолошки развој. Целта е да се поттикне критичкото и креативно размислување кај младите и стимулирање  иновативни идеи. Токму тоа го покажаа училиштата преку презентирање на нивните проекти на мини саемот на еко-истражувачи кој се одржа во Битола.

-Овој проект како првична намена има да им овозможи на земјоделците кои во текот на летниот период се соочуваат со недостиг на вода за да ги наводнуваат своите земјоделски посеви, отпадната вода преку пречистителна станица да се искористи, пречисти и потоа да им се овозможи  на земјоделците да ја користат таа вода и да ги наводнуваат своите земјоделски посеви, изјави Христијан Пусоски, ОУ Манчу Матак, Кривогаштани.

-Ние изработуваме еколошки филтер, изработен од зоолит кој е минерал и помага да го прочистиме воздухот, водата и почвата. Најпрво изработивме прототип, а потоа и реален продукт кој го ставиваме на ауспухот од автомобилот и се покажа дека количеството на јаглерод диоксид се намали за 30%, изјави Бранкица Митрева, СОУ „Димитар Влахов“, Струмица.

Од Фондот велат дека на тој начин сакаат да ги охрабрат младите да останат во државата и да развиваат свои бизниси.

- Проектите  доаѓаат од основни и средни училишта и не можаме да очекуваме да имаат целосна комерцијална вредност. Но, со меморандумот за соработка што го потпишавме со УСАИД предвидено е во следна фаза креирање на ученички компании пред се за средношколците, кои ќе помогнат дел од овие проекти да одат на пазарот и да ја остварат комерцијалната вредност, изјави Јован Деспотовски, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Вкупниот износ на средства кои што се обезбедени како подршка за овие проекти е 15 милиони денари.