Македонија
23. September 2019 - 14:29

Ученици од Кавадарци победија на државен натпревар со иновација за оценување знаења во образование

 

Ученици  од Кавадарци победија на државниот натпревар за претприемништво и иновации UPSHIFT 2019, со иновација за оценување знаења во образование.

Чулева Невенка, Панова Викторија, Кире Милков и Илија Јованов  се млади претприемачи, под менторство на професорот Димитрија Ангелков од СОУ Киро Спанџов-Брко, електромашинското училиште.

Професорот Ангелков денеска во изјава за МИА информираше дека со поддршка на SEED  Фондацијата и Фондот за иновации, овие ученици креираа систем за испрашување и оценување на знаењето на учениците во реално време.

-Тие сакаат  да придонесат за подобрување на квалитетот на образованието не само во училиштето во Кавадарци, туку на ниво на цела држава. Начинот на функционирање на ова иновативно решение е брз и едноставен, рече Ангелков.

Во моделот се употребени безжични уреди за далечинска контрола кои ќе ги користат сите ученици за истовремено да одговорат на прашањето кое е прикажано на екран.

-Секој далечински управувач има свој код, а со тоа добиваме брз и точен резултат за нивото на знаење на секој од учениците во реално време и за секоја наставна единица. Овој уред има широка примена како на пример во автошколи, при гласање, за правење на анкети, тестови за полагање на возачки испит, интерактивни и едукативни квизови, појаснија учениците.

Најевтини вакви системи во светот чинат  1.500 евра, а кавадаречкиот производ чини само двеста евра.

-Ова го унапредува нашиот образовен систем и придонесува за транспарентно оценување, додаде професорот.