Свет
4. јуни 2020 - 9:18

Убиениот афроамериканец Џорџ Флојд починал од срцев удар и бил позитивен на коронавирус

Смртта на Џорџ Флојд е предизвикана од срцев удар, заклучил официјалниот патолог на округот Хенепин, откако била извршена конечната обдукција врз телото на Афроамериканецот убиен за време на апсење.

Во извештајот на др. Ендрју Бејкер се вели дека вратот на Флојд бил притиснат кога полицаецот Шовин го стегнал со коленото и го држел така повеќе од осум минути, но во заклучокот тоа не се споменува како директна причина за смртта. Семејството на Флојд финансираше независна обдукција, во која се наведува „задушување од постојан притисок“ како причина за смртта.

Во новиот извештај се наведува дека Флојд имал бројни модринки и исекотини на главата, лицето, устата, рамената, рацете и нозете, но нема докази дека било која од овие повреди била фатална. Последната обдукција покажала дека Флојд бил срцев пациент и страдал од висок крвен притисок и неодамна се тестирал позитивно на коронавирус, но без никакви индикации дека тоа имал каква било улога во неговата смрт.

Првичниот извештај од токсикологија покажал умерено ниво на фентанил и метамфетамин во телото на жртвата.

Поднесени се и нови обвиненија против сите четворица отпуштени полицајци кои биле присутни во моментот на убиството на Џорџ Флојд во Минеаполис, објави главниот обвинител на Минесота.

Обвинението против Дерек Шовин е сменето од убиство од трет во убиство од втор степен. Полицаецот, кој му го притисна вратот на Флојд со коленото и го задави, претходно беше обвинет за убиство од небрежност и сега за убиство без умисла.

Другите тројца офицери се соочуваат со обвиненија за помагање и поттикнување убиство.

Смртта на Флојд предизвика големи протести низ САД против расизмот и полициската бруталност против Афроамериканците.

Објавувајќи ги новите обвиненија, јавниот обвинител на Минесота, Кит Елисон рече дека тие се во интерес на правдата.

„Треба да напишеме нови правила за правично општество“, рече Елисон.

Но, адвокатот на семејството Флојд, Бенџамин Крум, изјави за Си-Ен-Ен дека семејството верува дека обвинението против Шовин треба да биде првостепено. Тој вели дека на семејството му било кажано дека истрагата продолжува и дека обвинението сè уште може да се промени.

За убиство од прв и втор степен според законот во Минесота потребен е доказ дека обвинетиот убил со намера. За убиство од прв степен, во повеќето случаи е потребна предумисла, додека убиството од втор степен е повеќе поврзано со злосторства од страст.

Обвинението за убиство од трет степен не бара доказ дека обвинетиот сакал жртвата да умре, туку само дека неговите постапки биле опасни и дека тие биле извршени без оглед на животот на човекот.

Убиство од втор степен е казниво до 40 години затвор, петнаесет повеќе од убиство од трет степен.