Свет
24. November 2016 - 8:49

Убиецот на британската пратеничка Џо Кокс осуден на доживотен затвор

Лондонскиот кривичен суд „Олд Бејли„ го осуди Томас Меир, симпатизер на крајната десница, на доживотен затвор, без право на помилување, за бруталното убиство на британската пратеничка Џо Кокс.

Поротата во процесот за само 90 минути го прогласи за виновен и го осуди Меир (53) што беше примена со одобрување во преполнетата судница.

Изрекувајќи ја пресудата, судијата рече дека се надева оти Меир ќе остане во затворската ќелија до крајот на животот, оставајќи ја можноста да биде ослободен само со специјална одлука на министерот за правда.

Лабуристичката пратеничка Џо Кокс (44) беше убиена со истрели од пушка, а потоа избодена десетина пати со нож, на сред улица, во местото Бирстал, во англиската област Западен Јоркшир.

Убиството беше извршено на 16 јуни, на само една недела пред одржувањето на реферндумот за ЕУ.

Убиството се случи пред канцаларијата во нејзината изборна единица, каде таа престојуваше за да ја води кампањата за останување на Велика  Британија во ЕУ.

Во моментот на нападот, убиецот Меир извикувал дека тоа го прави само за Велика Британија и дека за него земјата е пред се друго.

Во нападот беше повреден и еден 78-годишен жител на Бирстал, кој се обидел да и помогне на пратеничката.

Според обвинителот во процесот, убиството на Меир врз Кокс е политички мотивирано, извршено од омраза и претставува чин на тероризам.

Тој го опиша убиецот како човек обземен со крајнодесничарската идеологија, во чиј стан полицијата открила и нацистичка литература.

Во текот на судскиот процес, убиецот Меир ниту во еден момент не покажал знак на каење, ниту го признал злосторството.