Свет
9. February 2016 - 13:56

Уапсен инвеститорот на станбениот комплекс во Тајван што се урна во земјотресот

Тајванската полиција го уапси и го сослушуваше инвеститорот кој го има изградено станбениот комплекс „Златен змеј“ што беше целосно разурнат во силниот земјотерс, што го погоди во неделата јужниот дел од Тајван.

Најмалку 39 лица загинаа само во овој комплекс, додека други две беа најдени мртви во други локации.

Околу 300 лица се повредени, а 100 други и натаму се водат како исчезнати под урнатините.

Комплексот „Златен змеј“ е еден од станбените блокови кој целосно е урнат, иако не е постар од 20 години, па властите изразија сомневање во квалитетот на градбата и во тоа дали се задоволени сите стандарди за асеизмичко градење.

Истрагата беше отворена веднаш откако спасувачките екипи открија лименки кои се употребувале за пополнување на празнините во бетонските носачи и потпори на урнатата зграда.

Истрагата беше отворена, иако некои градежни експерти сметаат  дека лименките можеби не предизвикале некакви структурни проблеми на објектот.

Тајванското обвинителство наложи инвеститорот и двајца негови најблиски соработници да останат во притвор,  осомничени за немарност во работењето.