Фудбал
4. November 2015 - 15:09

У-21: Франција е шансата на оваа генерација

Фудбалската репрезентација на Македонија, играчи до 21 година, на 9.ноември ќе ги започне подготовките за квалификацискиот натпревар против соодветната селекција на Франција. Селекторот, Благоја Милевски, за мечот со фаворитот во групата повика 22-ца фудбалери.
 
Списокот на Милевски е речиси ист од претходниот, односоно од мечот со Северна Ирска, на мој Македонија победи (2:1). Исклучок е Дориан Бабунски кој се враќа во репрезентацијата откако успеа да најде клуб, тој настапува во шпанската Фуенлабрада. Поради тоа што сеуште немаат клубови селекторот не ги повика Денкоски и Пивковски. На спискот е и Дарко Веловски кој поради суспензија не играше во Ирска, односно капитенот на репрезентацијата до 19 години Петар Петковски.
 
„Според рејтингот кои го имаат Французите се фаворити во нашата група. Сепак сето важи само на хартија и до пред почетокот на натпреварот, на самиот натпревар. Ме радува што кај моите играчи е всаден победничкиот менталитет, без разлика против кого играме секогаш ќе одиме на победа“, рече на прес конференцијата селекторот Милевски.
 
Предводникот на младата репрезентација најави дека поради Франција нема да менува ништо во тактичкиот дел на играта, односно дека нема да отстапи од напаѓачката формација која ја негува.
 
„Се надевам дека фудбалерите ќе го задржат пристапот кои го имаа на последните два натпревари (Украина и Северна Ирска), дека ќе го дадат својот максимум  и дека дисциплинирано ќе ги извршат своите задачи. Доколку ги спроведеме на дело тие три параметри, мислам дека имаме право да се надеваме на позитивен резултат“.
 
Двете победи во серија и рејтингот на Франција, која во своите редови има играчи кои настапуваат во ПСЖ, Баерн, Лион, Ница, Монако, создава одреден притисок кај фудбалерите, но Милевски верува дека неговите избраници можат успешно да го понесат тој товар.
 
„Нормално е по две врзани победи, не се сеќавам кога последен пат една наша селекција врзала две победи во квалификациски натпревари, притисокот да расте. Јас ќе бидам најсреќен доколку по мечот со Франција, за нашиот следен дуел тој притисок биде уште поголем. Фудбалерите се свесни за тоа, покажуваат дека се подготвени да се носат со тој притисок“, рече Милевски.
 
Младите репрезентативци до мечот со Франција ќе тренираат во тренинг центарот на ФФМ, секој ден со почеток во 12:30 часот, исклучок е 14.ноември кога тренингот ќе се одржи во 10:30 часот.
 
Квалификацискиот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Франција до 21 година, ќе се одигра на 15.ноември во 13 часот на теренот „Петар Милошевски“, кој се наоѓа во склоп на тренинг центарот на ФФМ.
 
Списокот на Милевски за мечот со Франција:
 
Голмани: Алексовски (Македонија ЃП), Шишковски (Работнички), Талески (Металург)
 
Одбрана: Велковски (Вардар), Зајков (Шарлероа, Белгија), Муслиу (Ренова), Демири (Шкендија), Мурати (Шкупи), Ристовски (Металург), Амановиќ (ИМТ, Србија)
 
Среден ред: Николов (Вардар), Барди (Ујпешт, Унгарија), Давид Бабунски (Барселона, Шпанија), Аврамовски (ОФК Београд, Србија), Мустафоф (Пелистер)
 
Напад: Радески (Шкендија), Маркоски (Работнички), Петковски (Вардар), Ангелов (Металург), Дориан Бабунски (Фуенлабрада, Шпанија), Имери (Хоризонт Турново).