Македонија
22. January 2021 - 16:06

Тутунарите интензивно ги пријавуваат вишоците, се бара откуп и во сабота

Во прилепско-пелагонискиот регион за пет дена се пријавени околу 2 200 тони вишок тутун што треба дополнително да се преземе од договорените количини, информираат од Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп.

Интересот е голем и се очекуваат до крајниот рок, 5 февруари, да се пријават уште околу 1000 тони вишок.

Според Зоран Пачешкоски, раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство, пријавувањето мора перманентно да се спроведува со одлуката да се работи во саботите за родот да се откупи до крајниот рок, 28 февруари.

– Има голем интерес на тутунарите да го пријават вишокот, недоговорен тутун за откуп. Пријавувањето е до 5 февруари, зашто процедурата бара барем 10-и9на дена да се спроведе и за тите тутунари да остварат субвенции. По состанокот во министерството за земјоделство, договорено е најголемите откупувачи, „Сокотаб“ од Битола и „Алијанса“ од кавадарци да презематпо околу 1000 тони тутун вишок, а другите откупувачи останатото. Тутунарите може да пријавуваат вишок и кај поверениците. Токму затоа, најбитно е, а и ќе предложиме до Сојузот на земјоделските здруженија и  до откупувачите да се работи во наредните саботи, да се откупува тутун за да се стигне сиот род, договорен и вишок, да се преземе до законскиот рок, крајот на февруари. Сите може да остварат право на субвенции, објаснува Пачешкоски.

Тој вели и дека активно работи и второстепената комисија. Од досега оспорените преку 200 килограми, 70 отсто се решени во корист на тутунарите и им е обезбедна една класа повеќе од проценката.

На работењето во саботите за забрзување на динамиката на откупот инсистира и Сојзуот на земјоделските здруженија. претседателот на Сојузот Менде Стомнароски објаснува дека мало зголемувањ ена динамиката има, а цената на просечниот откуп е 166 денари.

– Тутунарите имаат право да оспоруваат процена ако се незадоволни. Зголемената динамика, со работењето во саботите, може да обезбеди откуп на сите количества, и договорени и вишокот на тутунот, изјави Стомнароски.

Од Прилепскиот тутунски комбинат се децидни дека од утре ќе почнат да ги преземаат 440-те тони тутун од кооперантите од „Далија табак“ кои останаа неоткупени. Документацијата е завршена и комбинатот на петте пунктови во Источниот регион ќе ги преземе и ќе ги плати количествата, според договорот во Министерството за земјоделство.