Свет
15. September 2016 - 20:28

Туск: Да покажеме дека извлековме поуки од Брегзит

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск ги повика лидерите на Европска унија да ги „скенираат“ проблемите на ЕУ на утрешната средба во Братислава и да разговараат за иднината на Унијата по Брегзит.

- Да не дозволиме таквата криза да помине незабележително. Не треба да доаѓаме во Братислава за меѓусебно да се тешиме или уште полошо да ги негираме реалните предизвици, пред кои сме соочени во овој момент од историјата на нашата заедница по гласањето во Обединетото кралство, посочи Турск по пристигнувањето во Братислава, каде утре ќе се одржи самит на ЕУ.

Тој посочи дека не треба да има дискусии како ништо да не се случило и оти се е во ред.

- Треба да ги убедиме нашите граѓани дека извлековме поуки од Брегзит и оти се сме во состојба да ја вратиме стабилноста, безбедноста и ефикасната заштита, наведе Туск.

Во Братислава утре 27 лидери на ЕУ, без британската премиерка Тереза Меј, ќе се обидат да одговорат на прашањето зошто граѓаните на Унијата се повеќе гласаат за евроскептичните партии и како да се обнови довербата во Европска унија, јавуваат западни медиуми.