Бизнис
12. April 2021 - 16:33

Туристичките агенции во неизвесност: Што со ваучерите за уплатени туристички аранжмани?

Ќе пропаднат ли 12.000 ваучери, вредни 3 милиони евра од граѓаните кои лани уплатија аранжмани за летување ако и годинавата границите останат затворени? Туристичките агенции бараат јасни насоки од државата, ќе се продолжи ли важноста на ваучерите ако состојбата со корона кризата се влоши, дали, да почнат со закупи и да нудат аранжмани во соседна Грција или да се насочат кон домашните туристички капацитети. Очекуваат одговори и до каде се преговорите со надлежните од Грција и дали ќе дозволат и под кои услови влез на македонски туристи.

- Од една страна сме затворени цела година, не работиме. Од друга, нашите пари, парите од граѓаните  се заробени во Грција, не можеме со тие пари да нудиме аранжани во Албанија или Турција. Затоа бараме Министерството за економија, односно државата финансиски да ни помогне, да им ги вратиме парите на граѓаните уплатени лани – или да ја продолжи важноста на ваучерите до наредната година, изјави Ана Марија Алексова, туристичко угостителска комора.

Од Министерството за економија велат дека во моментов останува одлуката ваучерите да се искористат до крајот на оваа година. Очекуваат отворање на туристичката сезона во Грција. Во случај да се промени состојбата, ќе се бараат решенија. Едно од нив е да се пролонгира важноста на ваучерите, но се размислува и за поттикнување на домашниот туризам. Кој предлог ќе се прифати, ќе зависи од консултациите со Коморите и здружението на потрошувачи, велат од економија.