Бизнис
22. October 2019 - 19:33

Туристичкиот сектор бара нов модел за субвенционирање на туризмот

Итно да се усвои новиот модел на субвенционирање на туризмот за да не се случи Македонија да биде изоставена во понудите на тур операторите за следната сезона, апелираат Здруженијата од туристичкиот сектор. Сегашниот правилник важи до крајот на годинава и затоа бараат итно усвојување на нов, бидејќи големите тур оператори веќе ги креираат своите понуди за следното лето.

Туристичките работници велат дека постоечкиот модел на субвенционирање го дал својот максимум. Новиот ќе се базира на зголемување на чартер летовите, но нема да ги исклучи ниту туристичките групи кои патуваат со редовни авио линии или друг тип сообраќај.

“Покрај редовното субвенционирање, исто спомнуваме и еден нов тип на субвенционирање, а тоа е конгресниот и спортскиот туризам, кој главно би се субвенционирал во периодот од октомври до мај, кога туристичката активност е помала и на некој начин би се намалил и тој сезоналитет во нашиот туризам“, вели Владимир Граматиков, претседател на Туристичко-угостителската комора на Македонија.

Министерот за економија верува дека бргу ќе се усвои Правилникот.

“Многу е важно странските тур оператори да бидат информирани навремено за моделот на субвенционирање се со цел наредната сезона да привлечеме што повеќе странски туристи, но истовремено да биде предвидливо за сите странски тур оператори и нашите тур оператори кои се условите за субвенционирање на странски туристи”, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Здруженијата од туристичкиот сектор бараат во новото законско решение, како осигурување на патувањата, да се воведе осигурителна полиса по примерот на европските држави, наместо најавената банкарска гаранција од 100.000 евра, што само финансиски ќе ги оптовари особено помалите агенции.