Балкан
13. November 2016 - 8:28

Турција од своите државјани во САД побара внимателност заради протестите против Трамп

Турција официјално ги предупреди своите државјани во САД да бидат внимателни заради насилните протести против изборот на Доналд Трамп за претседател, како и заради зголемувањето на физичките напади и малтретирања од антиимигрантски и расистички карактер, пренесоа американските медиуми.

Во соопштението на сајтот на турското Министерство за надворешни работи се наведува дека демонстрациите против Доналд Трамп „понекогаш се проследени од кривични дела и појави на насилство“ и се одбележува дека силите на редот досега уапсиле голем број демонстранти.

„Судејќи според изјавите на демонстрантите на социјалните мрежи јасно е дека овие демонстрации веројатно ќе продолжат уште извесно време“, се наведува во соопштението на турското МНР.