Балкан
24. May 2017 - 8:46

Турција го блокира учеството на Австрија во програми на НАТО

Турција го блокира учеството на Австрија во програми на НАТО поради постојаната антитурска позиција на Виена во рамки на различни платформи на Европската унија, изјавија турски дипломатски извори за весникот „Хуриет дејли џуз“.

- Турција презема соодветни мерки во однос на учеството на Австрија во активностите на НАТО, поаѓајќи од тоа дека Австрија го претстави своето антитурско расположение во однос на платформи на ЕУ, изјави турски дипломатски претставник. 

Промената во правилата на НАТО  и дозволува на членка на Алијансата, во овој случај Турција, да блокира земја, која не  е членка, во случајов Австрија, во идните програми за соработка во рамки на НАТО.

Турција почна да ја блокира соработката меѓу воената алијанса и сите 22 земји партнерки, меѓу кои и Австрија, во 2016 година, како одговор на критичката позиција на Виена кон Анкара. 

Со претходните правила Турција немаше право да посочува конкретна земја, која сака да ја исклучи од соработката, но со новите правила активностите на НАТО со партнерските земји ќе се планираат индивидуално, изјави претставник на Алијансата, јви ДПА. 

„Хуриет дејли њуз“ посочува дека Турција го блокира со месеци учеството на Австрија во проекти за 2017 година, вклучувајќи и воени вежби.

Австрискиот министер за одбрана Ханс Петер Доскоцил во интервју за Би-Би-Си упати критика поради ветото на Турција. 

- Силно го осудувам начинот на кој дејствува Турција во НАТО. Тоа е неодговорно однесување против Австрија и го зајакнува моето мислење дека Турција е далеку од тоа да биде дел од ЕУ, рече Доскоцил.

Дипломатските тензии меѓу двете земји се зајакнаа, откако австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц изјави кон крајот на минатата година дека неговата земја сака замрзнување на преговорите на Турција за влез во ЕУ.