Македонија
6. July 2017 - 15:56

Тунтев: ВМРО-ДПМНЕ со 10 пратенички групи прави блокада на Собранието

Пратеникот и кооординатор на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев смета дека формирањето на десет пратенички групи од страна на ВМРО-ДПМНЕ е класична блокада на Собранието и на реформите кои ги очекуваат граѓаните.

- Со ваква блокада ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се однесува лицемерно, неодговорно и себично. Парламентарното мнозинство ќе направи се да не се спречат реформите и да се донесе одлука за минимална плата, да овозможи подобри работни места и правда за сите, изјави Тунтев на денешната прес-конференција во македонското Собрание.

Ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од понижување на оваа инститиција и на граѓаните. 

Тунтев рече дека Деловникот не го ограничува овој потег на ВМРО-ДПМНЕ, но додаде дека тој не е во интерес на државата туку на нејзино опструирање.

- СДСМ заедно со парламентарното мнозинство ќе ги преземе сите деловнички мерки за да го спречи ова однесување. Наша интенција е Деловникот да го носиме со консензус, а не како ВМРО-ДПМНЕ кога сам си го носеше и сега го злоупотребува, рече Тунтев.

Како пример за опструкција, Тунтев ја наведе денешната точка за народниот правобранител каде за дискусија се пријавиле 35 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, а уште 40 дискутанти чекаат за реплика.