Свет
28. January 2023 - 12:43

Тројца загинати во руски напад врз градот Константиновка во источна Украина

Три лица загинаа, а уште најмалку две се повредени откако руските сили нападнаа станбена област во градот Константиновка во источна Украина, објави на Телеграм гувернерот на регионот Доњецк, Павло Кириленко.

Кириленко наведе дека се оштетени четири станбени згради и еден хотел. „Спасувачките екипи и полициските службеници се на местото на настанот за внимателно документирање на уште едно злосторство на руските окупатори“, додаде тој.

Претходно денеска Кириленко објави дека четири лица загинале, а најмалку седум се ранети од руското гранатирање во последните 24 часа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека ситуацијата на фронтот и понатаму е „исклучително тешка“, особено во источниот регион Доњецк, каде Русија ја засилува својата офанзива како дел од нејзината целосна инвазија која започна во февруари минатата година.