Македонија
10. July 2016 - 16:30

Тројца турски државјани повредни во сообраќајна несреќа кај Неготино

Тројца турски државјани се повредени во сообраќајката која утринава се случи на автопатот Неготино – Демир Капија. Брачен пар поради сериозноста на повредите од велешката  болница биле транспортирани на скопските клиники. Третата патничка била згрижена во здравствениот дом во Неготино. Таа патувала со пријателите на нејзините родители, кои со друга кола возеле позади нив. Најверојатно замор била причината што возачот излетал од патот и се превртел. Само 6 минути по несреќата на лице место пристигнале две возила на брза Помош, една неготинска и мобилната која 24 часа патролира на автопатот. Кај потешко повредената жена интервенирале на лице место бидејќи имала извртен зглоб.

-Веднаш реагиравме и едната екипа ги пренесе потешко повредените во велешката болница. Ние ја донесовме девојката која се жалеше на повреди на кичмата и веднаш направивме ехо, вели др. Ратко Грков од ЗД Неготино.

Како што велат лекарите од Здравствениот дом од Неготино, секое лето се повторува истата слика. Секојдневно пружаат здравствена помош на повредени во сообраќајки, кои многу често завршуваат и со жртви. Според евиденцијата што ја водат, најчесто сообраќајните несреќи на овој автопат се случуваат од 5 часот утринава до десет претпладне кога изгрева сонцето и им пречи на веќе изморените возачи.