Македонија
17. May 2020 - 16:33

Тројца починати, 30 новозаболени 26 оздравени од Ковид-19 - ,,Мој Термин‘‘ двојно се зголемува

Закажувањето преку Мој Термин ќе биде на 30 минути или двојно повеќе од сега, дознава Сител од извори во Министерството за здравство. Целта е со враќањето во нормала на здравствените установи да нема гужви пред ординациите и да постои дистанца меѓу пациентите. Иако беше најавувано уште пред десетина дена, утре министерот Филипче и членовите на Комисијата за заразни болести ќе имаат состанок со директорите на клиниките за да утврдат по колку пациенти дневно ќе влегуваат во амбулантите а по колку во операционите сали. Како што дознаваме, во хируршкиот блок ќе го зголемат бројот на интервенции но не целосно, додека, пак,  пред секој преглед ќе има мерење на температура и кратка епидемиолошка анкета. Освен нормално функционирање на здравствениот систем, граѓаните очекуваат и намалување или укинување на полицискиот час а угостителите дозвола за отворање на објектите. Засега е нејасно и како ќе биде движењето за време на викендот кога во ист ден има два празника Рамазан Бајрам и Свети Кирил и Методиј. Премиерот Спасовски вели дека за тоа ќе разговараат и на кризниот штаб и на Влада.

-На утрешната седница на владиниот кризен штаб ќе разговараме за понатамошниот тек на рестриктивните емрки. Нивното олеснување знаете дека е димензионирано од текот на ширењето на инфекцијата и ние се раководиме од мислењето на стреучните лица што тие ќе кажат. На 24 мај е двоен празник и за тоа вреди да се разговара и на кризниот штаб и на Влада, вели Оливер Спасовски, технички премиер.

И додека Владата чека мислење од епидемиолозите, денешната статистика покажува повеќе заболени од оздравени пациенти и тројца починати. Од 426 тестирања во чиј број е и скринингот во градинките каде биле опфатени 184 вработени, кај 30 лица е потврден Ковид 19. На Инфективна починал 57 годишен жител на Тетово кој бил на болничко лекување 25 дена а битката со болеста ја изгуби и 78 годишен тетовец како и 58 годишен велешанец, кои на Инфективна биле примени на почетокот на неделата. Во последниот билтен се евидентирани 26 оздравени пациенти а победа на Ковид 19 досега извојувале и 226 здравствени работници од 247 заразени.